1 Chronicles 10
1 Филистејците војуваа против Израел, и Израелците бегаа од Филистејците и паѓаа поразени на гората Гелвуја.
2 Филистејците го гонеа Саул и синовите негови и ги убија Јонатан, Авинадав и Мелхисуј, синови Саулови.
3 Битката против Саул се засили, и стрелците се нафрлија врз него, така што тој беше изнаранет од стрелците.
4 Саул му рече на својот оружјеносец: „Извади го мечот свој и убиј ме со него, за да не дојдат тие необрезани и да се подбиваат со мене.“ Но оружјеносецот не се осмелуваше, зашто многу се беше уплашил. Тогаш Саул го зеде мечот свој и се фрли врз него.
5 Оружјеносецот негов, кога виде дека Саул умре, и самиот се фрли врз мечот свој и умре.
6 Загина Саул и тројцата синови негови, и целиот дом негов загина заедно со него.
7 Кога Израелците, што беа во долината видоа дека сите бегаат и дека Саул и синовите негови се убиени, ги напуштија градовите свои и се разбегаа; а Филистејците дојдоа и се населија во нив.
8 На другиот ден Филистејците дојдоа да ги соберат убиените и го најдоа Саул и синовите негови, паднати на Гелвујската Гора.
9 Го соблекоа Саул и му ја зедоа главата и оружјето, и испратија по земјата филистејска да разгласат за тоа пред своите идоли и пред народот.
10 Оружјето негово го ставија во идолското светилиште пред своите богови, а главата негова ја наденаа во храмот на Дагон.
11 И целиот Јавеш Галаадски чу сѐ, што беа извршиле Филистејците со Саул.
12 Потоа станаа сите храбри мажи, го зедоа телото Саулово и телата на синовите негови и ги однесоа во Јавеш; тие ги закопаа коските нивни под дабот во Јавеш и постеа седум дена.
13 Така умре Саул поради своето беззаконие, што го направи пред Господ, зашто не ги запази зборовите Господови и се допрашуваше до вражачите,
14 а не Го побара Господа. Затоа Тој и го погуби и царството негово го предаде на Давид, Јесеевиот син.